Psi е уште едно програмче чиј превод го одржувам. Домашната страна на Psi е psi-im.org и таму може да ја најдете најновата негова верзија, како и најновиот македонски превод.
Psi е клиент за отворениот протокол за IM (брзи пораки) Jabber. Благодарение на отвореноста Jabber добива голема популарност, и клиентите се вистински швајцарски ножиња. Jabber сервер може да покрене секој со постојана Интернет врска, а разните транспорти овозможуваат комуникација и со другите IM мрежи како AIM, ICQ или MSN.
Ова значи дека доколку се одлучите за некој Jabber клиент (а Psi е еден од најдобрите), тогаш ќе можете сите другарчиња да си муабетите преку една апликација, и ако одлучите да се врзете на некој македонски Jabber сервер, муабетите нема да ви патуваат до Америка и назад, кога зборувате на релација Влае-Аеродром, или Тетово-Битола.
Да се вратам на преводот. Ако најдете некоја грешка или имате некоја забелешка за преводот истата може да ја пријавите на страниците на Слободен софтвер Македонија.
Ете така, уживајте во Psi.


